Интервју – Мирјана Велева, Креација Нова : Дрвото е жива материја, со него треба многу внимателно да се комуницира

Новото интервју на  Блогот на Кукица посветен е на обработка на дрвото, а за тоа разговаравме со  Мирјана Велева креативка од Македонија, која од 2007 година работи во своето студио Креација Нова се занимава со изработка на дрво и изработува  убави и практични предмети од овој благороден материјал.Во интервјуто ќе прочитате каде  госпоѓа Мирјана ја наоѓа својата инспирација за својата работа, како работата со деца и помага во обработката  на  дрвото, дали дрвото е специфично за работа и се она што ве интересира за овој материјал.

Кои предмети најчесто ги изработувате ?

Професија ми е педагог, работам како воспитувач во предучилишна установа. Секогаш сум се занимавала со аматерско сликање, а работата ми овозможува заедно со децата да го развивам овој мој талент, затоа што во работата со деца навистина треба да бидес креативен.

Имав желба да си одвојам неколку часа во седмицата само за мене и моето хоби.

Така започна приказната. Во почетокот сликав на стакло и се воодушевував на трансвормацијата на боите во зависност од светлината. Така дојдов на идеја да почнам да изработувам столни лампи сликани на стакло што ќе бидат поставени на држач изработен од дрво. Сликањето ме одушевуваше, ме релаксираше, но кога стигнав до дрвениот дел за ламбата наидов на потешкотии, всушност барав некој занаетчија кој ќе ми направи тоа што ми беше потребно, а тоа беа најчесто неколку држачи со различни форми, ама неможев да најдам мајстор што би сакал да ми направи неколку уникатни дрвени предмети што ми беа потребни, едноставно не им беше исплатливо за толку малку парчиња. Така еден ден мојот син Филип , кој инаку е машински инжињер,ми рече дека тој ќе ми ги направи дрвените делови што ми беа потребни. Ја бев пресреќна,  а Филип полека се вклопуваше во моето хоби, така тој почна да ги дизајнира и изработува дрвените делови за ламбите, а потоа почна да дизајнира дрвени рамки за огледала. Јас продолжив и понатаму да сликам а Филип почна сериозно да работи со дрвото. Многу учевме, читавме, гледавме интернет страници и научивме голем дел од она што требаше неопходно да се знае за работа со дрво.Мојот син се снабди со секаков вид на алати, направи прекрасна работилница за изработка на предмети од дрво кој што сам ги дизајнираше и ги изработуваше, почнавме да учиме еден многу убав и интересен занает.Неговата професија  беше од гоема важност за  ова хоби кое полека прерасна во семејна работа. Предметите што ги изработуваме воглавно се мали дрвени детали што ја дополнуваат домашната атмосфера и ја прават потопла, тоа се првенствено столни ламби, мали клуб масички, предмети за во кујна како што се држачи за салфетки, разни даски за сечење и послужување на храна, кутивчиња за зачини и уште многу други ситници каде што може да се употреби дрвото и да го облагороди просторот.

Колку дрвето е специфично за работа? Од каде ја црпете инспирацијата за изработка на некој предмет или уметничка изработка?

Дрвото е жив материјал, со него треба да се работи претпазливо и да се комуницира со него, ако можам така да се изразам, затоа што бара многу , треба многу да се знае за дрвото. Дрвото не е само материјал за изработка со него треба да се однесуваш како со пријател кој ги исполнува твоите желби, кога ќе го воспоставите тој однос работата со дрво е вистинско задоволство.Дрвото е благороден материјал кој што не обединува со природата, предметите изработени од дрво шират топлина околу вас.

Инспирацијата е секаде околу нас, понекогаш и самото дрво, неговата форма или год т.е. шара или боја ви ја дава идејата за некој предмет.Еден ден Филип забележа во дворот една исечена гранка од стебло и веднаш доби идеја да направи скала за папагалите , големи,  што  ги чуваше еден негов пријател. Ја зема големата гранка и за неколку дена направи прекрасна играчка за нив кои што весело по цел ден скокаат по гранките.Еве овој пример го раскажам за да ви доловам дека инспирацијата не треба да ја бараме , посебно кога се работи за дрвото таа сама доаѓа.

Кој вид на дрво најчесто го користите?

За изработка на предметите користиме најчесто бука,јасен, орев во зависност од предметите што ги изработуваме користиме и трупци од цреша, а понекогаш и други видови на дрво. Во процесот на изработката, понекогаш за да  добиеме посебен ефект на предметот употребуваме повеќе видови на дрво со различна шара и боја.

Дали сами сликате на дрвото ? Кои се најчестите мотиви што ве инспирираат да го насликате некоја ваша изработка?

Да дрвото сама го сликам, истражувам, користам пресликување, а сега  најмногу сакам да изработувам мотиви на предметите со рециклрање од илустрирани списанија во техника колаж.Тоа е неверојатно поврзана нишка на два природни материјала кои даваат прекрасен впечаток на топлина и задоволство. Мотивите кои скоро секогаш ги користам се од природата, тука се цвеќињата, пеперутките убави делови од пејсажи, кога ќе го погледнете изработениот предмет одеднаш знаете со кој мотив би ја надополниле неговата убавина и едноставност.

KREACIJA NOVA SHOP

Освен умеетнички изработки Вие изработувате и многу практични, а покрај тоа и многу убави предмети за домачинство. За кои предмети има поголем интерес – за убавото или практичното ?

Точно е дека изработуваме уметнички предметии уникати,  преку нив ја  изразуваме нашата креативност немаме ограничувања имаме повеќе слобода во однос на идеите , формите едноставно уживаме работејќи но исто така со љубов изработуваме и разни практични предмети за во кујна и мали парчиња за некој дел од дневната соба. Кога зборуваме  за интересот за производите, морам да кажам дека поголем е интересот за практичните изработки особено оние за секојдневна употреба, но и тука луѓето ја гледаат разликата ја препознаваат рачната работа и сакаат кога предметите покрај тоа што се практични исти така се убави и за око.  Во некои македонски кафулиња полека се јавува интерес при уредување на ентериерот додаваат и предмети од дрво рачно изработени па така може да се видат кутивчиња за сол,дрвени чинивчиња, корпи за леб, полици за шишиња со вино . Сите изработени предмети , не само оние што се за храна, се еколошки. Изработките ги премачкуваме совосок или специјално масло за заштита на дрвото, најчесто дрвото останува во својата природна боја , а за сликање употребувам бои на водена база.

Кој се најчестите купувачи на Вашите производи ?

Во почетокот предметите ги изработувавме за себе и најчесто ги подарувавме на нашите блиски  и пријателите па тие потоа почнаа да нарачуваат да им изработиме некој предмет што би сакале да го подарат на некои свои пријатели за некој повод. Имаме порачки и од некои кафулиња обично даски послужување, корпи за леб или послужавници за палачинки, али купувачи нема многу и тоа  не е само наш проблем сите што се занимаваат со рачна изработка се сретнуваат со овој проблем.Тешко е да работиш приватно, а уште потешко е зашто  да се занимаваш со креатина рачна изработка  и  да водиш маркетинг, да продаваш тоа некако не оди заедно, едноставно кажано тоа се две различни работи.

Каква е состојбата на македонската сцена за рачна изработка? Постои ли интерес за занимавање со ракотворби?

Македонците сакат да се занимаваат со занаети и рачна изработка, сакаат да плетат, да изработуваат накит, филигранството е сега многу актуелно и многу креативци изработуваат филигрански накит, ама како што кажав  оваа работа не е исплатлива луѓето ретко се одлучуваат тоа да го претворат во работа за својата егзистенција тоа е макотрпно а и пазарот е преплавен со евтини кинески производи што се алтернатива на вистинските рачни изработки што претставува голема конкуренција. Покрај тоа некако пвеќе има интерес за брендови и марки повеќе би одлучиле да си купат некое парче брендирана облека или мобилен телефон на пр. отколку некој рачно изработен предмет.

Тешко е да се продаде драчна изработка покрај толку голема понуда на кинески производи , може да се каже дека на пазарот е се понудено.

На крајот оставаме простор за Ваша порака и совет до креативците и посетителите на Кукица?

Како стојат сега работите тешко е да се изработи некој предмет а уште потешко да се продаде. Но луѓето се менуваат, навиките исто така и се надевам дека ќе почнат повеќе да ја ценат рачната изработка и дека че се одлучат повеќе да носат рачно плетен шал или уникатен дрвен детал во днениот престој или во кујната.

Уверена сум ваквата состојба не ги обесхрабрува вистинските креативци затоа што тој кога создава не мисли на заработка.Затоа Кукица е вистинската работа за мене и моите соработници, одкако се занимаваме со рачна изработка размислувавме за овој начин на продажба. Во другите земји одамна се користи овој модел но кај нас е  на почетокот.

Кукица е голема поддршка , ми овозможува да дојдам до потенцијални потрошувачи во Македонија, а и пошироко во земјите на Балканот. Тоа  не е мал пазар. Со нашата работа и несебичната помош од тимот на Кукица овој проект сигурно ќе вроди со плод.

Почитувани  креативци да бидеме  истрајни.

Благодарам на Кукица што ми овозможи да го остварам својот сон.

 

KREACIJA NOVA SHOP